
Заштитни столпчиња поставени на тротоарските површини и на коловозот на улицата „Кирил и Методиј“ во Штип. Со затворањето на култната „едносмерна“ улица, тежината на сообраќајот падна на улиците „Кирил и Методиј“ и „Маршал Тито“. Целта на поставените столпчиња е да не се паркираат возила на тротоарите и по коловозите, а поголема безбедност да имаат и пешаците.
„Со затворањето на улицата „Ванчо Прќе“ евидентно е зголемувањето на сообраќајот на улиците „Кирил и Методиј“ и „Маршал Тито“. Со цел олеснето движење на возилата и со цел оневозможување на паркирање на возила на тротоарските површини поставени се метални столпчиња на тротоарските површини и флексибилни столпчиња на средината на коловозот.“ – вели Стефановски.
Таксистите се со поделено мислење кога е во прашање поставувањето на столпчињата на средината на коловозот. За едни одлуката е добра, според други ќе има повеќе гужва.
Освен столпчиња на улицата „Кирил и Методиј“, од наредната недела ќе се работи и на улицата „Маршал Тито“. Коловозот ќе се обележи со што сообраќајот ќе се одвива еднонасочно ама во две ленти.
„Со почетокот на следната недела на улицата „Маршал Тито“ на потегот од камен мостот па се до мостот кај гимназијата ќе се расчистат сите паркирани возила, ќе се обележи коловозот и сообраќајот ќе се одвива еднонасочно ама по две ленти“ – додава Стефановски.
Заштитни столпчиња се поставени на неколку локации во градот со цел поголема безбедност за пешаците. Стефановски апелира да не се уништуваат истите од страна на несовесни граѓани.
Лаура Стојанова М-Нет