Во тек е тест периодот од ХС „Злетовица“ за снабдување со вода во општина Карбинци

Во тек е пробниот-период во неколку населени места во Карбинци кои добиваат вода од Хидросистемот Злетовица. На ваков начин се тестира водата од ХС Злетовица, начинот на кој ќе доаѓа до домаќинствата, со што би требало да се решат проблемите на жителите. Водата треба да биде пуштена во сите осум населени места, за да може да се склучи договор.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов посочи дека во наредниот период се надева дека граѓаните кои се снабдуваат со вода од ХС Злетовица не би требало да се соочуваат со проблеми при снабдувањето, како што било досега.

„Хидросистемот Злетовица е веќе во фаза на тест период кој што општина Карбинци го започна во изминатиот извесен период. Тоа значи дека неколку населени места веќе се снабдуваат со вода во ХС Злетовица, но официјално не е вклучен договорот затоа што овој договор би бил склучен кога би биле вклучени сите осум населени места, односно веќе ќе немаме технички проблеми кога ќе го реализираме и договорот. Очекувам во текот на овој месец овие технички постапки да бидат завршени кога е во прашање тест периодот, за да може и официјално да го склучиме договорот со Злетовица.“ – изјави Паунов.

Почетокот на претходниот мецес водата од ХС Злетовица пробно се пушти во село Аргулица, Радање и Црвуљево, а овој месец треба да протече низ чешмите во село Таринци и подплачковичките карбински села.

Претходниот период поголем дел од овие населени места се соочуваа со големи проблеми со водоснабдувањето, нема вода по неколку дена или сами се снаоѓаа со вода за пиење. Ваквите и слични проблеми би биле минато со приклучувањето на ХС Злетовица.

Лаура Стојанова, М-Нет