Варадиновски означи старт на подготовките, Детонит Плачковица со нови пет засилувања

Второлигашот Детонит Плачковица денес на Градскиот стадион во Радовиш ги започна подготовките за новата сезона, откако шефот на стручниот штаб Иван Варадиновски ја имаше првата прозивка и првиот тренинг со играчите.

ФОТО: Александар Ванев | М Нет телевизија

На првиот тренинг беа и новите засилувања за кои телевизија М Нет и претходно најавуваше, а сега ексклузивно и ги објавуваме новите засилувања.

Во новата сезона дресот на Детонит Плачковица ќе го носат Христијан Поп Антоски, Панче Петров, Кирил Неделков, Лука Георгиев и Андреј Коцевски кои веќе му се ставија на располагање на Варадиноски.

Поп Антоски доаѓа од редовите на прилепска Победа, а 20-годишникот одигра одлична сезона во прилепската фудбалска гордост. 20-годишниот Петров во Радовиш пристигна од прволигашот Силекс од Кратово, а во Радовиш пристигна и младиот Георгиев од редовите на Брера од Струмица, а 20-годишниот фудбалер од Кочани има одличен фудбалски потенцијал пред кого има одлична иднина.

23-годишниот Неделков во Радовиш доаѓа од редовите на второлигашот Вардар од Неготино, а од редовите на Брера Струмица дојде и младиот талент 18-годишниот Коцевски.

Во следниот период Детонит Плачковица ќе се засили со уште неколку фудбалери со што ќе го затвори ростерот за новата сезона. Минатата сезона Детонит Плачковица направи историја, откако на домашен терен никој не успеал да го порази, а прими само еден гол.

ФОТО: Александар Ванев | М Нет телевизија

Потврдени се пријателски натпревари преку кои ќе се темпира формата, а тоа се Трајал од Србија, Брегалница, Вардарски, Гостивар и Беласица, а се бара противник за уште еден натпревар.

Денес беше одработен првиот тренинг на Градскиот стадион во Радовиш кој доби и помошен терен со вештачка трева, а како што ексклузивно дознава телевизија М Нет, од септември ќе се реконструира главниот терен со што Детонит Плачковица се подготвува кон Првата лига и од аспект на инфраструктурата.

Александар Ванев, М-Нет