Пуштена водата за наводнување во овчеполско, се чистат и каналите

Водата за наводнување пристига во нивите во овчеполско, во Лозово веќе се наводнува, до вечер водата треба да стигне и до крајната точка односно до Каратманово и Дурфулија. Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, вели дека наредната година ќе се инвестира за да се поправат каналите, навремено да бидат исчистени со цел земјоделците да можат навремено да ги наводнат своите ниви.

„Во моментот дојдена е вода во Општина Лозово. Согласно нашите информации, Лозово веќе има навадено 90%, водата оди кон Милино, за да ситгне до последната точка односно до Каратманово и Дурфулија. Заради неисчистените канали проблем со кој се соочуваме е тешкото пристигнување на водата до одредени позиции.“ – вели Цветковски.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски по посетата во овчеполско посочи дека ќе се работи за ова да не се повторува, земјоделците навремено да добијат вода за наводнување, а со тоа да се зголеми и производството за земјоделски производи.

Во меѓувреме голем дел од земјоделците оддамна се откажале од земјоделство во овчеполско оти секоја година мака мачат со водата за наводнување на нивните посеви. Велат потребно е каналите навремено да се чистат и водата навремено да биде пуштена.

„Предвреме се откажав, не наводнувам веќе, вода нема. Има двајца – тројца кои наводнуваат другите се откажаа. Лани исто беше, јас само наводнував два декари тутун. Треба да се исчистат каналите, оти водата не доаѓа до тука. “ – велат земјоделците.

За проблемите со водата за наводнување земјоделците неколку пати до сега излегуваа и на протест, оти „гореа“ суви нивите во овој регион.

Лаура Стојанова М-Нет