Продавачите на текстил револтирани, нивното место за продажба пренаменето во паркинг место

По отворањето на новиот пазар за продажба на земјоделски производи во Штип, реагираат продавачите на текстил. Велат дека местото каде што тие ги нуделе своите производи сега е пренаменето за паркинг простор. Уредно плаќале, овде работеле повеќе од две децении, но денеска биле известени дека тука ќе се паркираат возила. Револтирани од целата настаната ситуација, бараат правда и недискриминација со цел да можат да продолжат да продаваат и да егзистираат од тоа.

„Тоа требаше пред една недела да ни кажат, да си најдеме место. Секој има семејство, секој сака да работе. Ама не се реални. Ние сме овде на пазарот 20 години, регуларно си работеме, регуларно си плаќаме. Кажаа ни дека ќе ни обезбедат место да си работеме.“ – велат продавачите.

За ситуацијата во пазарот запознаени се и од ЈП „Исар“. Велат дека новиот полузатворен пазар е наменет за продажба на земјоделски производи, но на располагање им се стои и на сите останати кои сакаат да продаваат овде. Единствена цел е да не се узурпираат јавните површини, паркинг местата и просторот наменет за граѓаните.

„Оние граѓани кои сакаат својата егзистенизција да ја најдат со продажба на друг вид производи, градскиот пазар им стои на располагање. Ние како јавно претпријатије ќе им понудиме соодветни локации, но напоменувам дека нема да дозволиме на несоодветен начин, на несоодветна локација да се врши продажба, да се узурпира просторот кој е наменет за граѓаните“ – вели Зајков.

Новиот полузатворен пазар во Штип е модерен и направен согласно Европски стандарди велат наделжените додавајќи дека за сите кои сакаат да продаваат легално на истиот место има.

Лаура Стојанова М-Нет