
Со одигрување на финалето од Купот на ОФС Битола се комплетираше сезоната во Општинската фудбалска лига во Битола.
Во големото финале екипата на Јени Маале со 2:1 славеше над Могила и со тоа го освои Купот на ОФС Битола. Инаку, овој Општински фудбалски сојуз е еден од најорганизираните, тука покрај Четвртата лига има и Петта лига, а се игра и Купот на ОФС Битола, што е потврда за големите заложби за подигање на квалитетот.
Резултатот беше отворен во 35. минута за водство на Могила од 0:1 со голот на Дарио Бендеровски, а пред крајот на првиот дел Јени Маале го израмни резултатот на 1:1 преку Владимир Крстевски. Во вториот дел, Јени Маале дојде до комплетен пресврт на резултатот откако Мустафаи Хајдин постигна гол за конечни 2:1, а со тоа Јени Маале го освои Купот на ОФС Битола.
На натпреварот кој се одигра пред околу 800 гледачи на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, во 15. минута екипата на Могила остана без еден играч на теренот и тоа беше голем хендикеп, откако Стефан Сакуровски заработи директен црвен картон.
Јени Маале успешно ја затвори сезоната откако го подигна Куп-пехарот во ОФС Битола.
Александар Ванев, М-Нет