
Голема заинтересираност и посетеност на НУ Музеј и завод Штип по повод Меѓународниот ден на културното наследство. Денеска се посетуваше градскиот музеј, музејот во штипско Ново Село бесплатно, а бесплатно имаше и водич на Локалитетот Баргала.
„По повод 18 април – Светскиот ден на спомениците и локалитетите вратите на нашиот музеј се отворени бесплатно за сите оние кои сакаат да го посетат. Денес имаше доста голема посетеност, и овде во музејот и на локалитетот Баргала каде што имаме водич“ – вели Велкова.
Дечињата најголем интерес покажуваат за етнолошката поставка која е достапна во штипскиот музеј. Но, интерес има и за останатите поставки, како и за посетеноста во музејот во Ново Село.
„Ние имаме три поставки во музејот. Дечињата најмногу сакаат да ја посетат етнолошката поставка, ама интерес има и за останатите две поставки. Се зависи од групата“ – додава Велкова.
На 18 април во целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, востановен во 1982 година. Секоја година овој ден е посветен на посебна тема поврзана со културното наследство.
Со активностите на овој ден се дава можност за подигање на свеста за диверзитет, за неговата важност и повредливост, за неговите потреби и за потребата за конзервација на спомениците и локалитетите. Целта на одбележувањето на овој ден е да се промовира свеста за различноста на културното наследство на човештвото, нивната ранливост и напорите потребни за нивна заштита и зачувување. Годинава, Светскиот ден на наследството се прославува под мотото „Откријте и искусете ја различноста“.
Лаура Стојанова М-Нет