
Денес беа одиграни шест од седум натпревари од вонредното 21. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, а еден меч од оваа рунда не го дочека својот крај.
Најубедлива победа запиша екипата на Шкендија Арачиново која на домашен терен со 14:0 го декласираше поранешниот шампион Кадино. Алји и Сула постигнаа по три гола, двојни стрелци беа Иљази и Беќири, а по еден гол постигнаа Алити, Шаип, Абдуловски и Мамути.
Ланскиот второлигаш Пехчево Скопје на гостувањето кај Петровец славеше со убедливи 0:7, откако домашниот тим беше инфериорен. Играч на натпреварот беше Бујар Мехмети кој постигна четири гола, по еден гол постигнаа Голубов, Јакупоски и Чеков.
БВК Коњаре сосема очекувано со 6:1 ја декласираше ССК Нова која е на дното од табелата без бодови. Смајовиќ постигна хет-трик, а по еден гол постигнаа Кадрију, Бакиевски и Демири, за гостинскиот тим Рамани беше единствен стрелец.
Еуромилк ГЛ со 3:1 славеше над Беса Влазрими. За некогашниот прволигаш стрелаа Филип Петковски, Ферди Исмаиловски и Стојан Стојчевски. За гостинската екипа погоди Куштрим Демири.
Мечот меѓу Аеродром и Башкими Љуботен не го дочека својот крај, откако истиот беше прекинат во 56. минута, за што ќе следи дополнителен извештај за овој меч.
Натпреварот беше прекинат при резултат 1:1. Апостоловски во 5. минута погоди за 1:0, а во 18. минута Јусуфи постигна гол за 1:1.
Натпреварот меѓу Куманово и Фортуна поради лошите временски услови не се одигра и истиот е одложен, а дополнително ќе биде утврден датум кога истиот ќе се одигра.
Александар Ванев, М-Нет