Тесно на врвот во Првата лига, Брегалница со можност и за директен опстанок!

По 27 одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига екипата на Струга Трим Лум е на врвот од табелата со 55 бодови на своето конто. Актуелиот шампион има бод повеќе од Шкупи кој е втор со 54 бодови.

На третото место е Шкендија од Тетово со 52 бодови. Овие три екипи се одвоија и ќе ја водат борбата за излез во Европа, но и за освојување на титулата во домашното првество.

Ќе има неизвесна борба и за четвртото место на табелата, а токму на 4. место е Силекс со 37 бодови, место подолу е Тиквеш со 36 бодови. На шестото место е Гостивар исто така со 36 бодови.

Брера Струмица се проби до седмото со 33 бодови на своето конто, а пак Работнички е на осмата позиција со 31 бод. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар останува на деветтото место со 29 бодови.

Во бараж зоната е Воска Спорт од Охрид со 28 бодови, во зоната за директно испаѓање како претпоследна е Брегалница со 26 бодови, а на дното е Македонија ЃП со 25 бодови.

Брегалница е со реална можност и за директен опстанок, а веќе овој викенд ќе мора да триумфира над Работнички, а во зависност од останатите натпревари може да ја напушти опасната зона и да се проби до бараж зоната, а потоа да води борба и за обезбедување место во зоната која гарантира директен опстанок.

До крајот остануваат уште шест кола или во игра се 18 бодови.

Александар Ванев, М-Нет