
На стадинот „Благој Истатов“ во Струмица во рамки на 24. коло од Втората македонска фудбалска лига се соочија екипата на Беласица и Каменица Саса, меч кој заврши без победник 1:1, а можевте да го следите во живо на спортскиот канал М Нет Спорт.
Александар Коцев денес го игра 100-тиот мел во дресот на Беласица, со што доби и дрес со бројот сто.
Првиот дел заврши без погодоци 0:0 со шанси и на двете страни. Во вториот дел Смилков погоди за 0:1 по добиена топка од корнер од Ајрули. Беласица од белата точка израмни на 1:1, Милушев биеше од белата точка, Николоски одбрани, но по одбиената топка Милушев од втор обид погоди за конечни 1:1.
На телевизија М Нет можевте да го следите соочување од Кочани, каде играа Осогово и Детонит Плачковица во меч каде радовишани беа убедливи со 1:3 на “жетварите”.
Настевски погоди за 0:1 на полувреме, а во вториот дел Бабунски и Трајкоски погодија за 0:3. Во судиското надополнување Тренчев ги постави конечни 1:3.
Во Битола се одигра дербито помеѓу Пелистер и Арсими каде домашниот тим предводен од Влатко Костов дојде до голема победа од 3:0 со головите на Спиркоски, Христов и Наумоски.
На полувреме во Битола резултатот беше 2:0.
Лидерот Беса на домашен терен го пречека екс прволигашот Скопје каде домашниот тим преку пресврт дојде до победа од 2:1.
Во првиот дел Беса имаше негатива од еден гол, откако Жоглев погоди за 0:1. Во вториот дел Изаир Емини со два гола донесе победа за Беса.
Во Куманово се одигра мечот меѓу Башкими и Караорман каде домашниот тим со 5:1 го декласираше струшкиот тим.
Стружани први поведоа за 0:1 со голот на Емуш, а потоа Башкими го распадна противникот преку Азири кој беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Алији, Мурати и Даути.
На „Билјанини Извори“ фаворитот Охрид го пречека составот на Новаци во меч каде охриѓани испуштија два гола предност за конечни 2:2. Димоски и Масевски погодија за 2:0, а Трифуновски и Јовановски погодија во финишот за конечни 2:2.
Во Прилеп на „Гоце Делчев“ ланскиот прволигаш Победа се соочи со Кожуф од Гевгелија во дерби за опстанок на двете екипи. Автоголот на Поп Антевски беше пресуден за 0:1 и трите бода да одат кај Кожуф.
Во Тетово екипата на Тетекс играше меч против Вардар Неготино за опстанок, а исходот од истиот беше триумф за гостинот преку пресврт. Станковски погоди за 1:0, а Османи и Ќазимов за конечни 1:2.
Александар Ванев, М-Нет