Засадени повеќе од 30 дрвца во паркот во Осми Ноември, ќе се гради памп патека и летна сцена

Повеќе од 30 дрвца се засадија денеска во паркот во населба Осми Ноември во Штип. До секое засадено дрвце ќе биде поставена и информативна табла преку која граѓаните ќе може да ги препознаваат дрвцата. Целта на ваквата акција е да се негуваат зелените површини во градот.

„Идејата е да заедно со општествено одговорни компании, вработените во Општина Штип, локалното население да ја подигнеме свеста, познавање, препознавање и негување на зелените површини со цел за наше поубаво секојдневно функционирање во парковите. Денеска се насадени повеќе од 30 садници од разни сорти, на секој садник ќе биде оставена плочка информативна со цел граѓаните да ги препознаваат дрвцата“ – вели Зајков.

Градоначалникот Јорданов во оваа прилика исткна дека за овој парк се предвидени и дополнителни содржини, како памп патека, летна сцена, а најави и изградба на најголемиот парк на иднината.

„За овој парк она кое можам да го најавам е дека како Локална самоуправа се планираат дополнителни содржини, една памп трака за велосипедисти, летна сцена која ќе ги анимира нашите сограѓани за одржување на најразлични манифестации. Нашата тенденција е секоја година да ги зголемуваме зелените површини и да ги збогатуваме“ – вели Јорданов.

Според Јорданов станува збор за најголемиот парк кој ќе се изгради во општината и се очекува оваа година да се влезе со реализација на овој парк. Паркот ќе биде парк на иднината вели Јорданов оти во истиот ќе има голем број на содржини за граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет