
Денес беа одиграни пет натпреварите од 24. коло од Првата македонска фудбалска лига, а оваа рунда ќе се комплетира утре со дуелот меѓу Работнички и шампионот и лидер Струга.
На Градскиот стадион во Штип екипата на Брегалница одигра нова „нула“ откако ремизираше играјќи 0:0 против амбициозниот Гостивар. Голем бод за „сините“ во повеќе од тешката борба за опстанок во „елитата“.
Реми без голови имаше и во Охрид, каде на „Билнини Извори“ 0:0 одиграа Воска Спорт и Шкупи.
Македонија ЃП конечно се израдува на триумф откако на домашен терен со 1:0 го доби Тиквеш и после долга резултатска криза „лавовите“ бележат позитивен резултат. Стрелец на победничкиот гол за Македонија ЃП беше Крсте Велкоски во 37. минута.
Силекс со 2:1 го доби дуелот со Брера од Струмица на домашен терен, откако во првиот дел мрежите мируваа, во второто полувреме паднаа три гола. Искусниот голгетер Антонио Каланоски во 52. минута погоди за 1:0, а веќе во 68. минута гостинот од Струмица израмни на 1:1.
Десет минути подоцна Леонид Игнатов ги постави конечните 2:1, со што трите бодови останаа во Кратово.
Дербито меѓу Вардар и Шкендија го наполни стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари каде немаше игла каде да падне, во одлична кореографија и изведба на „Заветна“ на пејачката Бојана Скендеровски атмосферата во Маџари се „запали“.
Вардар преку 26-годишниот Бразилец Матхеус Лемос Да Силва прв дојде до водство во 18. минута, резултат со кој се замина и на полувреме.
Во вториот дел Пилешков покажа два црвени картони на Азер Омерагиќ кај Вардар и Анес Мељичи кај Шкендија поради неспортско однесување односно меѓусебна конфротација.
Во 80. минута Алмир Аганспахич постигна гол за израмнување и за конечни 1:1 со што бодовите беа поделени.
Колото како што кажавме ќе се комплетира утре со дуелот меѓу Работнички и Струга кој се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Александар Ванев, М-Нет