Реконструиран кровот на клонот „Развигорче“ во штипската населба Автокоманда

Заврши реконструкцијата на клонот „Развигорче“ при детската градинка „Вера Циривири-Трена“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека заврши промената на кровната конструкција и поставување на фотоволтаици.

„Кога влеговме во самата административна зграда и во зградата во којашто се врши воспитно-згрижувачкиот процес наидовме на оштетени и руинирани ѕидови, на оштетена внатрешност од влагата и од тоа што кровната конструкција со години наназад протекувала. Тоа и беше и главната причина, заради којашто во зиминатите месеци се направи промена на кровната конструкција и дополнително поставување на фотоволтаични панели.“ – вели Јорданов

Вкупната инвестиција во реконструкција на овој објект, каде се згрижуваат околу 200 дечиња од населбата Автокоманда во Штип изнесува 12 милиони денари.

„50 % е од буџетот на Општина Штип, а 50 % е од Словенска амбасада. Сакам да се заблагодарам на поддршката која ја добивме во однос на реализација на овој проект. Веќе гледате дека во внатрешноста на самата зграда се подобрени и реконструирани просториите, подобрени се условите за да се непркинато одвива воспитно-згрижувачкиот процес.“- вели Јорданов

Директорката на детската градинка „Вера Циривири-Трена“, Ивана Ангеличкова е задоволна што конечно клонот „Развигорче“ има одлични и современи услови за згрижување на децата.

„Треба да напоменеме дека кровот беше со азбестни плочи, коишто се штетни, исто така поставувањето на фотоволтаици е врз кровната конструкција и ќе придонесеме за штедење на електрична енергија.“ – вели Ангеличкова

Вработените во овој објект кој се наоѓа во населбата Автокоманда биле вклучени санирањето и уредувањето на ѕидовите. Ангеличкова најави дека следно што ќе биде задача за разување на овој објект е дворното место. Во сите објекти на градинката „Вера Циривири-Трена“-Штип се згрижени вкупно 680 дечиња.

Ангела Ѓуркова, М-Нет