
Каменица Саса од коло во коло е се поблиску до испаѓање во Трета лига – Исток, ниту новите засилувања не помагаат “рударите” да забележат позитивен резултат.
Пред Саса е ново тешко гостување во Тетово каде против “разнишаниот” Тетекс, дуел каде трите бодови им се повеќе од потребни и на двете екипи.
“Штофарите” имаат бодовна залиха од есенскиот дел со која “пливаат” над зоната за испаѓање, па против Саса ќе сакаат да го поправат лошиот старт во пролетниот дел бидејќи имаат две ремија со Победа (0:0) и Новаци (1:1), како и два порази од Осогово (4:0) и Беласица (1:2).
Саса не памети кога забележала позитивен резултат. Во пролетниот дел нанижа четири порази и продолжува да тоне кон Трета лига – Исток. Порази од Скопје (1:0), Арсими (2:3), Пелистер (2:0) и Беса (3:0).
Саса има само еден триумф оваа сезона тој од 30. септември 2023 против Победа (2:1) на домашен терен, во рамки на 7. коло.
Во Тетово дефинитивно ќе има тешка и мачна борба за трите бодови, а правдата на овој дуел ќе ја дели Боби Величков од Велес.
Александар Ванев, М-Нет