
Редовната крводарителска акција во Кочани, која се реализира еднаш во месецот, се одржа денеска во просториите на Црвениот крст. Иако вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот, овојпат беше одржана една недела порано. Одзивот е задоволителен, вели Анета Коцева, а до крајот на акцијата би требало да има најмногу 25 крвни единици.
„Акцијата започна во 08:30 часот и планирано е да трае до 14:00 часот. До моментов има дарувано 15 крвни единици, секако, акцијата е сѐ уште во тек, така што очекуваме дека до крајот ќе заврши со 20 – 25 крвни единици. Сакам да изразам голема благодарност на сите дарители кои денеска ја посетија нашата организирана акција иако оваа година ја организиравме една недела порано од тоа што е вообичаено, даруваа крв и со тоа помогнаа во спасувањето човечки животи“, вели Анета Коцева од ОО Црвен Крст – Кочани.
Коцева посочува дека и младите сѐ почесто се јавуваат како крводарители. За да ги привлечат да се одлучат на овој хуман чин, Црвениот крст организира работилници и крводарителски акции во училиштата. Коцева вели дека ова дава резултат, меѓутоа е и поттик за да продолжат и понатаму на ваков начин да ги ангажираат младите.
„Редовно работиме за мотивирање на млади дарители затоа што, нели, знаеме дека младите се иднината и треба континуирано да се работи, младите да се мотивираат и да станат дел од ова крводарителско семејство. Спроведуваме мотивациски работилници во средните училишта, како и младински крводарителски акции со цел приклучување на младите. Можам да кажам дека имаме голем процент на млади луѓе кои доаѓаат и даруваат крв“, додава Коцева.
Ова е втора крводарителска акција за годинава. На првата која се одржа во месец јануари беа собрани околу 30 крвни единици, двесетина само до пладне.
Ребека Спасова М-Нет