
Главната улица во с. Нов Караорман денеска добива асфалт. Економскиот оператор преку Општината ги продолжи активностите на терен, кои предвидуваат асфалтирање на оваа улица откако претходно била заменета канализациската мрежа. Градоначалникот, Виктор Паунов, вели дека на овој начин ќе се подобри патната инфраструктура за жителите од ова населено место, а ќе се олесни и нивното секојдневно функционирање воопшто.
„Денес продолжуваме со оние градежни активности коишто беа започнати во изминатиов период. Конкретно, се работи на асфалтирање на главната улица во с. Нов Караорман. Улицата е со должина од 200 метри, а претходно беше во една, навистина, катастрофална состојба и, еве, за првпат по долги години добива една целосна реконструкција. На ова место претходно е изградена нова канализациона мрежа, со што се исцрпени сите потреби од комунална природа и сега добиваме еден завршен асфалтен слој, кој ќе биде во насока на подобрување на движењето на населението во с. Нов Караорман“, вели Паунов.
Оваа улица е меѓу шесте улици кои овој месец се асфалтираат и се дел од истата јавна набавка. Четири вакви има во Карбинци и уште една во село Таринци. Вкупната финансиска конструкција за овие шест улици е два милиони денари, пари кои се обезбедени од општинската каса.
„По оваа улица, ќе се асфалтира и една улица во село Таринци којашто претходно беше подготвена со земјени активности и оттука продолжуваме кон реализација на другите проекти коишто се веќе во фаза на припрема, а се во делот на патната инфраструктура и ќе бидат завршени до крајот на следниот месец“, додава Паунов.
Во меѓувреме, во Карбинци се работи и на седмата улица, која е најдолга. Оваа улица е финансирана од Бирото за регионален развој со 4 милиони денари, а Општината и ЈП „Плачковица“ издвоија 300.000 денари за промена на водоводот и канализацијата.
Ребека Спасова М-Нет