
Пензиите од 2016 година до денеска се во посотојан пораст, а со тоа се докажува грижа за највозрасната група на граѓани, потенцираа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Ако во 2016 пензионерите земале 8 000 денари пензија, денеска земаат над 20 000 денари. За разлика од нив велат од ДПМНЕ, пензионерите добиле само лажно ветување дека ќе добијат 5000 денари, а добиле само 500.
„Минималната пензија е зголемена за 50% во однос на 2016 година кога таа изнесувала 8 000 денари, а денес таа изнесува 13 000 денари. Истоп така во однос на 2016 година денес просечната пензија е повисока за 6 400 денари и таа изнесува 20 200 денари. Пензионерите се категорија кои се опфатени и со последниот девети пакет антикризни мерки каде се издвојуваат 35 милиони евра за поддршка на 187 000 пензионери во државата. Истовремено, пак, ДПМНЕ се обидуваше да ги манипулира пензионерите дека ќе им дадат на сите по 5 000 денари, па потоа ретерираа и рекоа дека ќе им дадат по 500 денари. Овие факти се поразителни за ДПМНЕ во чие време на владеење имаше историско најниски плати и пензии.„ – велат од СДСМ.
Ова се само дневнополитички манипулации со пензионерите и собирање поени, вратија од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Од таму се децидни дека владеењето на СДСМ ги довело на просјачки стап пензионерите.
„СДС како малцински партнер во Владата на ДУИ, соочен со фактот дека им следува катастрофален пораз на престојните избори, повторно се обидува со лаги и манипулации да добие дневнополитички поени, потценувајќи ја интелегенцијата на нашите сограѓани пензионери. За време на нивното неспособно владеење пензионерите не биле никогаш повеќе понижени, а со оглед на тоа дека повторно без срам се обидуваат да манипулираат ги потсетуваме дека: СДС при усогласувањето на пензиите го отфрли фактот за раст на просечната плата, не сакаше да го земе во предвид фактот дека имаме енормна инфлација и да ги прилагоди пензиите согласно инфлацијата. Владата во заминување ги донесе пензионерите на просјачки стап и го намали нивниот стандард на живот.“ – реагираат од ВМРО ДПМНЕ.
Од таму потенцираат дека за неполни 80 дена ќе бидат казнети од пензионерите и ќе заминат во политичка пензија.
Лаура Стојанова М-Нет