
Основците и средношколците од Штип, но и од другите градови, а за време на летниот период и наши иселеници се редовни посетители на Музејот на восочни фигури во штипско Ново Село. Безмалку десет години овој музеј, сместен во куќата на штипското еснафско семејство Андонови, која е градена како типична староградска архитектура, сведочи за славното историско Ново Село.
„Дел од восочните фигури се на личности кои по потекло се од тука, од Ново Село и од Штип, меѓутоа друг дел од восочните фигури имаат место во нашиот музеј, бидејќи целата нивна револуционерна дејност се случувала тука. Покрај овие 12 восочни фигури имаме изложено автентични, оригинални парчиња оружје. Би споменала овде пушки, револвери, пиштоли, кубури на кремен, документи, книги, расписки на ВМРО, писма итн.“, вели Коруновска.
Освен 12 восочни фигури кои се дел од историската поставка, Музејот има и етнолошка поставка со покуќнина и други лични предмети од секојдневието на луѓето кои живелее на овие простори кон крајот на 19. и почетокот на 20. век. На ѕидовите се изложени оригинални фотографии, а испишани се кратките биографии на сите 12 личности кои се претставени како восочни фигури.
„Можам со еден збор да кажам дека секое делче од овој музеј сведочи за еден историски период, за настани, случувања, збиднувања и историски личности коишто се поврзани со Внатрешната македонска револуционерна организација и нејзината борба за самостојна и автономна македонска држава. Тука се надополнуваат легендите, бидејќи самото Ново Село како целина претставува легенда за Македонија“, додава Коруновска.
Музејот е културна интеракција помеѓу минатото и сегашноста, историјата и современото живеење и расветлува еден сегмент од континуираната револуционерна борба на Македонците.
„Со отворањето на овој музеј ние всушност им оддаваме почит на делата на нашите славни револуционери, меѓутоа и оставаме аманет на идните генерации никогаш да не се заборават тие настани. Всушност, ние со отворањето на овој музеј ја надополнивме музејската понуда во нашиот град, веќе десет години ја надополнуваме музејската понуда“, заклучува Коруновска.
Музејот на дејците на ВМРО од Штип и штипско познат како Андонова куќа е отворен на 20 декември 2014 година, а сите восочни фигури и предмети се сместени на простор од 160 м2, во седум посебни простории.
Ребека Спасова М-Нет