
Штипските извидници денеска правеа добри дела. По повод Денот на извидниците – 22 февруари, датум на кој се одбележува раѓањето на таткото на извидништвото, триесетина членови од 6 до 18 години беа дел од неколку активности, кои вклучуваа грижа за останатите сограѓани, како и за животните во градот.
„Денес имаме активност по повод Денот на извидници или месец февруари го одделуваме за месец на извидници. Организираме неколку активности под мотото „Направи добро дело“. Исто така, денес заедно со децата ќе направиме неколку добри дела каде што ќе им посветиме внимание на граѓаните од општина Штип, ќе ги нахраниме бездомните кучиња и ќе поставиме неколку подароци на Закачалките на добрината, коишто ги има низ градот“, вели Бојан Андонов од ИО Еквинокс.
Во далечната 1907 година во Лондон од печат излезе книгата „Извидништво за момчиња“ од британскиот генерал Роберт Баден Пауел во којашто тој го сумирал своето долгогодишно искуство околу престојот и животот во природата. Ги опишал неопходните вештини и знаења и, секако, неминовното тимско работење кое е предуслов за каков било успех и до ден-денес. Годината на нејзиното објавување се смета за почеток на извидничкото движење во светот, а неговиот роденден 22 февруари е поврзан со датумот за одбележување како Ден на извидништвото.
Годинава се слават 117 години од извидништвото во светот, 71 година извидници во Македонија и шест години извидници во Штип.
Ребека Спасова М-Нет