Се обновуваат сите автобуски постојки, компании може и да ги закупат како рекламен простор

Сите автобуски постојки во градот ќе добијат нов лик. Прво со информативни табли за општинскиот линиски превоз и возните редови, а потоа и со дигитални табли и полначи. Јавното претпријатие „Стипион“ започна со обновата на автобуските постојки, нешто што во моментов е од полза на граѓаните кои го користат општинскиот линиски превоз.

„Како што најавивме претходно, со подобрувањето на временските услови се отпочна со обнова и ревитализација на автобуските постојки во градот. Во прва фаза ќе се реконструираат и ребрендираат, ќе се заменат сите оштетени делови, ќе бидат објавени информативни табли со сите за граѓаните за возните редови и термини, а во идно време ќе добијат еден модерен лик и со дигитални табли и полначи за смарт уреди“, рече Стефановски.

Стефановски ги повика и компаниите да го рекламираат својот бренд на автобуските постојки, со што ЈП „Стипион“ ним ќе им ги даде на закупување.

„Најголемиот дел од автобуските постојки се на атрактивни локации во градот, со голема видливост и посетеност од граѓаните и се одлична можност за компаниите да ги искористат како атрактивна рекламна површина и со нивно закупување на најдобар можен начин да го презентираат својот бренд или производ пред граѓаните“, додаде Стефановски.

На овој начин Јавното претпријатие генерира приход од компаниите, кој, пак, понатаму, како што вели Стефановски, ќе го искористи за обнова и подобрување на целата оваа дејност.

Ребека Спасова М-Нет