Блокатори на две возила на автобуска постојка, останува апелот за посовесно паркирање

Две возила денеска мораа да платат за отстранување на блокатор кој го поставија екипите на ЈП „Стипион“ оти се имаа паркирано на автобуската постојка кај Домот на култура. Ваквата слика која и понатаму секојдневно се гледа на сите автобуски постојки во Штип, ја затекна и директорот на Јавното претпријатие, Панче Стефановски, кој реагираше соодветно во координација со екипите на Јавното претпријатие. Стефановски вели дека апелот се повторува, но нема некој особен резултат, па мора да се постапува поригорозно за да се ослободат автобуските постојки за нормално функционирање на општинскиот линиски превоз.

„Како што можете да забележите во позадина, ова е веќе секојдневна глетка во нашиот град. Граѓаните и нашите ученици се заложници на несовесните возачи, децата не можат да го користат непречено општинскиот линиски превоз. Јас сакам по којзнае кој пат да апелирам до возачите да се однесуваат на совесен начин, да ги користат обележаните паркинг позиции, да не паркираат непрописно, особено не на автобуските постојки, бидејќи го попречуваат нормалното функционирање на автобусите“, вели Стефановски.

Соработка има и со сообраќајната полиција, која исто така во неколку наврати ги расчистуваше сообраќајните постојки од паркирани возила. Се спроведуваа и координирани акции, се пишуваа казни и се поставуваа блокатори, но останува апелот граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да се однесуваат поодговорно во сообраќајот.

Ребека Спасова М-Нет