
Населеното место Караорман кое е во рамки на општина Штип ќе добие нова спортска сала. Станува збор за веќеизграден објект, кој Општината одлучи да го адаптира и да има некаква намена, а во овој случај тоа ќе биде спортска сала. Целиот процес ќе биде со цел сите жители да добијат место за спорт и рекреација, а ќе биде реализиран од страна на општествено-одговорни компании. Градоначалникот Јорданов посочи дека кога ќе се заврши проектот, ќе се знае вредноста на донацијата.
„Објектот е со години наназад руиниран, нефунционален, своевремено бил изграден со намена да го користат жителите од оваа населба, меѓу другото и за спортска сала, но со оглед на тоа што никогаш досега не бил адаптиран, одлучивме, еве, на потреба и барање на жителите, да го адаптираме овој објект. Во соработка со општествено-одговорни компании веќе се работи на поставување нова кровна конструкција, панели, во наредните денови и месеци овде исто така ќе се работи на соодветна подлога, на уредување и адаптирање на внатрешноста од самата сала и на тој начин ќе го заокружиме процесот“
Јорданов очекува овој објект да биде завршен за најмногу два месеца. Посочи дека освен учениците, спортската сала ќе ја користат и другите жители на Караорман.
„Следните месеци ќе се врши оваа рехабилитација, очекувам за месец до два оваа сала да биде ставена во функција“, додава Јорданов.
Спортската сала ќе биде во рамки на училиштето во Караорман, кое е подрачно училиште на централното „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци. Сепак териториски населеното место Караорман потпаѓа под општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет