
„Штрајк“ вакво известување стои на вратата на Фондот за здравственот осигурување, подрачна единица Штип. Граѓаните, пациентите кои требаше да заверат документ беа вратени назад. Оние граѓаните кои ги сретнавме пред Фондот во Штип велат дошле за само еден документ, но за жал денеска не можеа да завршат работа. Имаше и такви кои од Виница дошле за ортопедско помагало, ама беа вратени назад.
„Дојдевме да завереме потврда за ортопедско помагало, ама штрајкуват и не ја заверивме. Не сме од тука од Виница сме. Здравството е колабрирано последните пет години.“ – велат пациентите.
На шалтерите на фондот за здравство се извршуваа само неопходните работни задачи како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи.
Раздвиженост се бележеше и пред аптеките. Но, поголем дел од анкетираните граѓани велат дека овде завршиле работа, и дека купиле лекови со рецепт.
„Да, да нормално, нема никаков проблем, се рецепт препишан од лекар нема никаков проблем.“ – додаваат пациентите.
Вработените во Фондот за здравство штрајкуваат бидејќи од 9 јануари со препорака од Влада, се бара намалување на примањата од 21%. Според Синдикатот со оваа одлука ќе бидат засегнати 831 вработен, и ако има намалување на платите, 25% ќе добиваат плата под минималната, а 25% колку минималната плата. Штипјани на терен се со поделен став, дел од нив ги поддржуваат враотените, а друг дел сметаат дека ова треба да биде последен чекор за исполнување на барањата.
Денеска штрајкуваат вработените во ФЗО во цела држава. Пред да стапат во штрајк вработените се собраа пред просториите на Фондот каде го изразија своето незадоволство.
Лаура Стојанова М-Нет