
Уште шест деца се заразени со салмонела во беровскиот регион покажуваат анализите направени од Центарот за јавно здравје Кочани. Дали овие случаи се поврзани со детската градинка „23 Август“ или не ќе се знае најдоцна утре, вели директорот на центарот, Гоце Серафимов. Резулатите исто така треба да покажат дали има потреба за зголемување на обемот за испитување надвор од регионот.
„Од резултатите кои ги добивме од утринава имаме уште шест утврдени случаи на салмонела на деца. Кај нас резултатите се од копрокултурите кои се направени од регионот, а епидемиологт прави анкети. Денес и утре ќе се знае дали случаите се поврзани со детската градинка или не. Резултатите покажаа дека има повеќе деца заразени со салмонела, а анкетите ќе покажат дали има потреба да се зголеми обемот на испитување.“ – вели Серафимов.
Кај лицата и на површините од кои се земени мостри во беровската детска градинка немаше присуство на салмонела, а тоа го покажаа првичните резултати од анализите на кочанскиот Центар за јавно здравје. Во однос на храната ќе се утврди во следните 24 часа, а сѐ уште пред нив останува отворена задачата да се утврди кој е причинителот за оваа зараза.
„Од она што до сега е излезено како резулатат, немаме ниту една позитивна мостра на салмонела, со тоа што чекаме одредени анализи на одредени храни за кои е потребно малку подолго време.
Децата во беровската градинка со симптоми се јавија кај матичните лекари минатата недела, по што кај нив беше утврдено присуство на бактеријата салмонела. Кујната во градинката е затворена, но сѐ уште останува да се утврди каде била салмонелата.
Лаура Стојанова М-Нет