Пеењето е најомиленото хоби на шестгодишниот Саша Митрев, најмалиот учесник на „Весело штурче“

Шестгодишниот Саша Митрев беше најмалиот учесник на минатогодишниот Фестивал „Весело штурче“. Тој уште на тригодишна возраст почнува да посетува часови по пеење во студиото на Ирена и Филип Стевановски од каде и доаѓа до учество на Фестивалот. Да се застане на толкава сцена пред голема публика за Саша на почетокот било стресно, но бргу се прилагодил на ситуацијата. Сега за него не е проблем каде било да ја запее неговата песничка која се вика „Колаче“.

„Јас ја пеев песничката „Колаче“. Првиот пат кога излегов ми беше срам, но потоа веќе не. На „Весело штурче“ јас си запознав многу нови другари“, вели Саша.

Саша свири и на клавир, се обидел да свири и на гитара. Вели дека не е тешко, но инструментите не му се допаѓаат толку многу како пеењето. Освен што пее, игра и фудбал, а лесно се справува и со математичките задачи. Сепак, вели Саша, најубаво се чувствува кога пее.

„Јас се научив да свирам на клавир во „ФИС“. Учевме и да пееме и потоа јас излегов на „Весело штурче“. Најмногу ги пееме нашите песни. На мене ми е поинтересно да пејам. Јас малку свирев и на гитара, ама повеќе ми се допаѓа клавир“, вели Саша.

Шестгодишниот Саша во слободно време не избегнува да ги слуша народните песни. Вели дека повеќе му се допаѓаат, па и пред камерата на Телевизија М-Нет испеа некои од стиховите на старата штипска песна „Ново Село кај Лџите“.

Ребека Спасова М-Нет