Штипјанката Пенчова го претставуваше Балканот на Светскиот економски форум во Давос

Како прв претставник од Македонија на младите од Балканскиот Регион, штипјанката Рената Пенчова беше избрана за учество на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Таа таму беше меѓу педесетина млади од целиот свет, кои дискутираа во однос на глобалните теми, а кои ги засегаат младите. Пенчова во емисијата „Зум анализа“ на Телевизија М-Нет во врска со Светскиот економски форум вели дека на овој начин им се дава простор на младите да бидат дел од креаторите на нашата заедница.

„Целта е како да се ангажираат младите да бидат вклучени повеќе активно во општествениот живот, но и да придонесуваат за темите коишто се, навистина, важни за нашето живеење, главно, тоа се теми во коишто работи самиот Форум, пред сѐ младински активизам, зајакнување на нашите вештини, младите да бидат критичари на нашите институции со што ние ќе бидеме директно вклучени, но и засегнати во донесувањето на одлуките. Видовме од некои општествени случување дека младите се изоставени, тие заслужуваат да имаат место на масата и да бидат дел од целиот овој процес. Мислам дека дака ја зајакнуваме и целата наша заедница“, вели Пенчова.

Пенчова учествувала на низа иницијативи кои опфатиле теми од областа на менталното здравје кај младите, финансиската писменост, медиумската писменост и слично, а потоа била избрана за кураторка на Скопје Хаб, каде има за задача да ги насочи младите да се ангажираат во однос на глобалните теми. Таа вели дека на младите им треба само простор, а тие може во голема мера да делуваат во нашата заедница.

„На младите им е потребно простор, каде да ја изразат нивната енергија. Видовме дека се соочуваме со различни кризи, почнувајќи од пандемијата, па до денес, така што сметам дека младите се тие коишто најмногу ги чувствуваат сите овие промени, но тие се големи борци. Тоа го видовме сите, тоа што го прават и активно делуваат во локалните заедници ни дава до знаење дека, навистина, можеме да направиме многу позитивни промени, само ако имаме доволен простор“, додава Пенчова.

Светскиот економски форум годинава се одржа од 15 до 18 јануари. Тоа е настан кој ја собира светската бизнис елита и шефовите на држави ширум светот. Овогодинешниот форум беше со тема „Враќање на довербата“, а фокусот беше ставен на теми поврзани со острата ескалација на геополитичките тензии и глобалните трговски грижи поврзани со Блискиот Исток, инфлацијата и економскиот раст, војната во Украина, технолошките промени и глобалната фрагментација.

Ребека Спасова М-Нет