Без проблеми и со несмален број ученици започна второто полугодие во општина Карбинци

Без проблеми и со минимален број отсуства започна второто полугодие од тековната учебна година во училиштата на територија на општина Карбинци. Директорката на ООУ „Страшо Пинџур“, кое е единствено во оваа општина, посочува дека централното и подрачните училишта се подготвени навреме, а условите се пријатни за работа. До почетокот на второто полугодие овде нема отпишани ученици, што значи дека второто полугодие го започнуваат идентичен број на ученици, колку што имаше и во првото полугодие.

„Второто полугодие започна успешно, во ред, сите ученици се на училиште, немаме осип, немаме заболени сега засега. Вкупно 438 ученици се, со минимално отсуство, навреме се извршени дезинфекција и дератизација во училиштето, така што сѐ е во ред“, вели Костова.

Основците од с. Таринци второто полугодие не го започнаа во новиот училишен објект, наместо тоа сѐ уште учат во централното училиште во с. Карбинци. Наставата и за нив се одвива во нормален тек, како што беше организирана и во првото полугодие, меѓутоа директорката Костова вели дека тоа ќе се промени за многу кратко време, зашто работите во училишната зграда во Таринци се при крај.

„Од Таринци учениците доаѓаат втора смена во централното училиште, за кратко време, околу една недела до две, да не калкулираме со датуми, меѓутоа за скоро време ќе биде пуштено во употреба и ќе се вратат во подрачното училиште, работите се при крај“, додава Костова.

Инаку, наставата во второто полугодие во Карбинци започна за учениците во централното училиште и деветте подрачни училишта во населените места на територија на општината. Бројот на ученици годинава е сличен како и минатата година, а не е намален и бројот на првачиња, кој на почетокот на учебната година беше 55.

Ребека Спасова М-Нет