Едносмерната да стане пешачка зона во Штип – повеќе проекти очекува Јорданов во 2024 година

Штип веќе ја има изготвено сообраќајната анализа преку сообраќајно истражување за да може да ја претвори Едносмерната улица во пешачка зона. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека во следната година овој проект треба да се реализира, зашто, како што рече, во македонските и европските градови, центарот на градот е место за пешаците. Тој е свесен дека затворањето може да предизвика сообраќаен хаос и затоа е потребно прво да се обезбедат поголем број паркинг места.

„Нешто коешто ги засега штипјани е планираната пешачка зона во централното градско подрачје, тоа е улицата „Ванчо Прке“. Очекувам 2024 година да донесе измена на сообраќајниот режим и поплочување на улицата „Ванчо Прке“ со тоа што истата ќе биде пешачка зона, затоа што ние сме, можеби, еден од ретките градови коишто немаат пешачка зона во централното градско подрачје, немаме едно место за одмор и за прошетка. Секаде, во сите градови наоколку, па и во Европа, центарот на градот е место за пешаците“, вели Јорданов.

Отворањето на киното, новиот мост на река Отиња, градскиот линиски превоз, спортските терени се дел од проектите по кои што Јорданов ќе ја памети 2023 година. Вели оти Штип годинава треба да се запамети и по бројните реконструирани улици, тротоарски површини, водоводна и канализациска мрежа.

„На дневна основа се реконструираше постоечката инфраструктура, нормално, централното градско подрачје, се работеше на проширување на двете главни сообраќајници „Маршал Тито“ и „Васил Главинов“ со поставување конзоли на река Отиња, се изгради нов мост на река Отиња, се започна изградбата на првата катна гаража, се набавија автобусите на ЈП „Стипион“ за функционирање на градскиот превоз, којшто како потреба многу одамна е нотиран, започна со работа кино салата“, додаде Јорданов.

Јорданов посочува оти не е 100% задоволен од она што било изреализирано во 2023 година, но додава дека Општината има предвидено богата програма и за новата 2024 година, кога треба да се работи на задоволување на очекувањата на граѓаните.

Ребека Спасова М-Нет