
Честитки за здравје, мир, среќа и убави моменти испратија и функционерите од регионов. На личен план на граѓаните им посакуваат многу убавини, а на општествен план развој за општините и државата. Градоначалникот на Пробиштип 2023 година ќе ја памети по тоа што Општината не должела никому, а беровскиот градоначалник по носењето тешки одлуки.
„2023 година како година кога, конечно, општина Пробиштип не должеше никому. На моите сограѓани ќе им посакам многу здравје, многу љубов, заемна почит и само заеднички може да ги поминеме сите предизвици коишто ќе ни се попречат на патот“, вели градоначалникот Анастасов.
„Годината која изминува беше исполнета со повеќе обврски, носење потешки одлуки, меѓутоа тие се зад нас. Верувам дека со исто темпо, ист интензитет ќе продолжиме и во наредната 2024 година, барем она што го имаме како план“, посочи Пекевски.
Штипскиот градоначалник годината ќе ја памети по реализираните проекти, иако не е стопроцентно задоволен од направеното. Пратеникот Никола Мицевски, пак, во новата година очекува просперитет за граѓаните.
„На крајот на годината, за жал, мораме да констатираме дека годината помина во сивило, во многу лажни ветувања и многу ветувања коишто не се случија. Очекувам новата 2024 година да донесе просперитет за граѓаните, да донесе нова власт во државата којашто ќе работи на решавање на проблемите на граѓаните“, вели пратеникот Мицевски.
„Можам слободно да кажам дека не сум стопроцентно задоволен од тоа како успеавме да се прилагодиме, да се справиме со сите предизвици, но ако направам една компарација или, пак, споредба со тоа како претходните години се работело, можам да бидам објективно и да кажам дека на дневна основа се реализираа проекти коишто се видливи“, вели Јорданов.
Пробиштипскиот и беровскиот градоначалник Нова година ќе дочекаат заедно со најблиските, а Пекевски ќе ги посети и итните служби по полноќ.
„Во Пробиштип, во друштво на своите најблиски“, рече Анастасов.
„Градоначалникот новогодишната ноќ ќе ја пречека дома со семејството, а по 00:30 ќе ги посети сите дежурни служби кои се под надлежност на Општината, да им посака добро здравје, лична и семејна среќа, многу радост и успеси во наредната 2024 година“, додава Пекевски.
Фунционерите порачаа граѓаните да веруваат во институциите и можностите, но и да бидат внимателни за време на новогодишната ноќ.
Ребека Спасова М-Нет