
Утревечер, точно на полноќ, граѓаните ќе ја дочекаат новата 2024 година. Предновогодишната атмосфера веќе владее во градовите и секој се подготвува за т.н. „најлуда ноќ“. Многумина веќе го имаат направено планот – каде, со кого и како ќе ја дочекаат Нова година, некои планираат патување, други во кафеана или дискотека, неретко се оди на плоштад, но многумина остануваат дома. Има и такви кои воопшто не му даваат толкава важност на овој ден. Некои од соседните општини утревечер ќе организираат дочек со музичка програма, но Штип одамна нема такво случување. Ги прашавме штипјани: треба ли да има организирано дочек на Нова година на Плоштадот „Слобода“ во Штип?
„Треба, имаше на времето, ама тоа зависи и од можностите на Општината, а и приватниот сектор да помогне“, вели штипјанка.
Секој според можностите ќе си одлучи каде да слави, велат граѓаните. Не се на ставот дека имаме доволно финансии, но оптимисти се дека ќе се обезбеди доволно за еден скромен дочек. Анкетираните штипјани Новата година ќе ја дочекаат дома или во друштво.
Трендот за „луд и незаборавен“ дочек со годините опаѓа, а дел од луѓето сметаат дека целата еуфорија е премногу исфорсирана. Сепак, каде и да одите, важно е да се чувствувате пријатно, заклучуваат штипјани.
Ребека Спасова М-Нет