
Увид на еден од проектите, реконструкција на улицата „Христијан Тодоровски – Карпош“, извршија денес министерот Бочварски и градоначалникот на Пробиштип, Анастасов. Активноста е дел од Проектот на Министерството за поврзување локални патишта, а е со инвестција во висина од речиси десет милиони денари. Бочварски при посетата се наврати и на уште неколку проекти зад кои заеднички застануваат Министерството и Општината.
„Во овој момент се работи на изработка на потпорните ѕидови на оваа улица, а по завршување на потпорните ѕидови ќе се пристапи кон проширување на улицата, изградба на тротоари за побезбедно движење на граѓаните со што и оваа улица ќе добие нов лик, а граѓаните ќе имаат и зголемена безбедност на движење во овој дел од градот. Во делот на комуналната инфраструктура завршивме со доизградба на системот за водоснабдување во населеното место Турско Рудари, а ја изградивме и атмосферската канализација на улица „Македонски револуционери“, каде исто така извршивме и комплетна реконструкција на улицата“
Минатата недела потпишан е и Договорот за реализација на улицата „Тодор Александров“ во Пробиштип, кој е во висина од 17 милиони денари. Градоначалникот Анастасов посочи дека ова е многу важен проект за пробиштипјани, а тоа го докажува и фактот што повеќепати беше споменувана на седница на Совет.
„На мое огромно задоволство, за повеќепати дискутираната улица на седница на Совет, улицата „Тодор Александров“ како наш прв приоритет од Пробиштип, добивме поддршка. Сакам да изразам благодарност за средствата во висина од 17 милиони денари за да веќе од првите денови следната година отпочнеме со тендерска постапка за реконструкција и на оваа многу важна делница каде што се поврзуваат две населби во Пробиштип
И Бочварски и Анастасов ја потврдија добрата релација помеѓу Министерството за транспорт и врски и Општина Пробиштип, посочувајќи дека силната динамика на реализација продолжува и во следниот период.
Ребека Спасова М-Нет