Лажна дојава за поставени бомби ја прекина наставата во училиштата во Кочани

Дојава за поставени бомби во училиштата во Кочани привремено ја прекина наставата. Пораката за предупредување за поставена бомба во некое од училиштата пристигнала на електронската пошта на Локалната самоуправа, по што веднаш биле известени надлежните полициски органи, кои направиле увид на терен. Ваквата информација во телефонска изјава за Телевизија М-Нет ја потврди и директорот на ООУ „Никола Карев“, Александар Андов.

„Попладнево на службената меил-адреса на Општината беше добиена порака за поставена бомба во образовна институција, без да биде посочено за кое училиште станува збор. Полициски службеници презедоа соодветни истражни мерки, при што учениците безбедно ги напуштија училниците. По направениот увид, беше констатирано дека се работи за лажна дојава, односно дека не постои никаква опасност за учениците и вработените во образовните институции, па наставниот процес беше продолжен“, истакна Голубинка Георгиева, раководителка на Одделение за јавни дејности во Општина Кочани.

Според неофицијални информации, меилови за поставени бомби пристигнале и во некои од основните училишта. Ова ја прекина првата смена, но наставата во втората смена се одвива нормално. Дополнителни информации се очекуваат во текот на денот, како од училиштата, така и од СВР Штип.