
Започна промената на старата и дотраена кровна конструкција на штипското медицинско училиште, а во наредна фаза е поставување на фотоволтаични панели. Со инвестиција вредна над 5 милиони денари се работи на заштеда на електрична енергија. Фотоволтаици веќе се поставени на кровот на ОУ „Тошо Арсов“, а до крајот на годината ваков проект треба да започне и во СОУ „Коле Нехтенин“.
„Станува збор за проект за поставување фотоволтаични панели, а онаму каде што има потреба и за реконструкција. Веќе се врши замена на дотраената кровна контрукција, а подоцна и поставување на фотоволтаиц. Вкупната инвестиција е 5.5 милиони денари само во ова училиште. Поставени се фотоволтаици во ООУ „Тошо Арсов“, а ќе се постават и во СОУ „Коле Нехтенин.“ – кажа Јорданов.
Помали сметки за струја, но и комплетно нов изглед на училиштето и подобри услови за учениците е исходот од проектите во ова училиште. Директорката Николиќ посочи дека во наредна фаза ќе се работи и на фасадата.
„Се надеваме дека со овој проект ќе овозможиме заштеда на училиштето за сметки за струја. Во следна фаза ќе се промени и фасадата.“ – вели Николиќ.
Реконтрукцијата на кровната конструкција и поставување фотоволтаични панели е преку проектот „Сончеви училишта“ финансиран преку фондацијата Отворено општество за Западен Балкан.
Лаура Стојанова М-Нет