
Спортскиот центар „Џексон“ ќе биде столбот на спортската инфраструктура на која ќе се работи во 2024 година откако Штип ја доби титулата Европски град на спортот. Градоначалникот, Иван Јорданов, кој денес се обрати по повод добивањето на признанието, посочи дека финансиите во голема мера ќе бидат насочени кон проекти од спортот со цел градот да ја оправда титулата која минатата недела му беше доделена во Европскиот парламент. Благодарници им додели токму на спортските работници, кои, како што рече Јорданов, придонеле Штип да ја добие оваа титула.
„Спортскиот центар „Џексон“ е наша обврска, приоритет и потреба на спортските работници, на спортистите, на спортските клубови, заради тоа веќе имаме изработено готов проект, направивме финансиска конструкција и очекувам веќе на почетокот на 2024 година да биде распишан тендер за избор на најповолен понудувач којшто ќе го изгради овој објект. Финансиската конструкција ќе биде предложена во Буџетот за 2024 година“, вели Јорданов.

Штип веќе работеше на низа спортски игралишта, а во освен „Џексон“, меѓу спортските проекти за идната година се и две училишни и една сала за боречки спортови. За реализација на овие проекти Штип како Европски град на спортот може да искористи и пари од Европските фондови, но Јорданов посочи дека финансирањето за нив е веќе обезбедено. Титулата е обврска повеќе, додава тој, за развој на спортот и преку повеќе спортски манифестации во соработка со спортските клубови и спортските работници во градот.
„Она коешто е наш приоритет е изградба на сала за боречки спортови, изградба и реконструкција на постоечката трибина на Градскиот стадион со атлетска патека, изградба на две училишни спортски сали во населбите Три Чешми и Караорман, нешто што е основа за развој на спортот. За сите овие проекти имаме обезбедено финансирање и определено финансиска конструкција, така што очекувам во 2024 година поголем дел од нив да бидат веќе финализирани или, пак, во тек на градба“, додаде Јорданов.
Штип ја доби титулата Европски град на спортот во категорија на градови до 50.000 жители, заедно со уште 12 други града, меѓу кои се Херцег Нови, Приштина, Солун и Валона. Градот под Исарот е вториот град од Македонија со титула Европски град на спортот по Куманово, кој титулата ја понесе во 2019 година.
Ребека Спасова М-Нет