Свечена седница со рецитал и награди организираше Заедницата на инвалидски организации

Свечена седница беше организирана од страна на Заедницата на инвалиски организации во Штип по повод Денот на лицата со попречености. Претседателката на Заедницата вели дека на лично и институционално ниво треба да се бориме против стереотипите дека попреченоста е бариера за поединецот да поставува лични цели, да се стреми кон нивно остварување и да дава придонес кон развојот на државата.

„Со одбележувањето на овој ден сакаме да ја подигнеме јавната свест за правата и потребите на овие лица, акцентот да го ставиме на тоа што овие лица можат и во рамките на нивните можности да им биде дадена шанса за поактивно учество во општествениот, политичкиот и социјалниот живот“, вели Лидија Џамбазова, претседателка на ЗИО.

На свечениот настан учествувале и ученици од Основното училиште „Гоце Делчев“, а за нив награди обезбедила Општина Штип, од каде имало и претставници кои ги доделиле наградите, вели Џамбазова.

„Настанот го збогатија учениците од ООУ „Гоце Делчев“, кои под менторство на нивните наставници, презентираа свои творби на тема „Мојот пријател инвалид“. Општина Штип обезбеди награди за овие ученици и како претставници од Општината нив ги доделија г-ѓа Снежана Санева, раководител на Секторот за образование, јавен развој и ЛЕР, и г-ѓа Вања Џамбазова, советник за социјална, детска и здравствена заштита. До сите нив ја изразуваме нашата голема благодарност“, додава Џамбазова.

Штипските институции и здруженија овој викенд организираа повеќе настани за одбележување на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој се одбележува започнувајќи од 1992 година. Се смета дека 15% од светската популација или повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со попреченост.

Ребека Спасова М-Нет