
„Од онаа страна на небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ е прва книга објавена во Македонија со разговори за писател водени со неговата сопруга. Со авторството на Иван Антоновски и промоцијата на професорката Весна Мојсова-Чепишевска денеска беше претставена и во Штип. Книгата има широк дијапазон на разговори, кои евоцираат спомени за над четиристотини личности.
„Многу факти од животот на Ацо Шопов, факти поврзани и со неговото творештво, меѓутоа и факти од втората половина на 20. век, тој ги имаше оставено во тишина, ги закопа во тишината со надеж дека таа ќе ги рече. И покрај неговата верба во тишината, таа не ги рече или, можеби, ние не ги слушнавме. Уште пред 30 години Анте Поповски го има оставено аманетот дека треба да се остави запис од сеќавањата на Светлана Шопова, коишто ќе бидат и историја на личноста на Ацо Шопов, меѓутоа и историја на неговото време“, вели авторот на книгата, Иван Антоновски.
Книгата е скапоцен влог во македонсакта книжевна и културна историја, вели промоторката Мојсова-Чепишевска. Со оваа книга се разоткриваат многу информации за творештвото, професионалниот и личниот живот на Шопов, но се даваат и информации за македонската и југословенската културна, политичка и општествена стварност од втората половина на 20. век.

„Книгата „Од онаа страна на небиднината“ е книга што треба да ја има секое семејство во својата библиотека, затоа што ова е Шопов којшто не можете да го најдете, ниту во неговата поезија, ниту во неговите есеи, ниту во неговите интервјуа, ова е, навистина, многу интимна приказна којашто ја доловуваат во разговор заедно Иван Антоновски и Светлана Шопова, сопругата на Ацо Шопов, така што, навистина, се радувам што Шопов и на овој начин го вративме во Штип“, истакна проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, промотор на книгата.
Организатор на промоцијата е Филолошкиот факултет при штипскиот Универзитет, кој претходно одржа и конференција посветена на Шопов, а по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Деканката на Факултетот вели дека има интерес за разоткривање на Шоповото дело, и кај студентите, и кај професорите.
„Се надевам дека е интересен. Јас сум од Македонистика, нели, но колку што можев да видам од колегите коишто учествуваа на конференцијата и коишто работат на полето на преведувањето, секако, има интерес и во таа смисла е доста провокативен“, вели деканката на Филолошкиот факултет, Луси Караниколова-Чочоровска.
Објавувањето на Книгата е остварено во рамки на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а со поддршка од Министерството за култура и од Фондацијата „Ацо Шопов – поезија“.
Ребека Спасова М-Нет