
Анета, Дејвид и Златко, трите дечиња од делчевското село Илиово повторно не одат на училиште. Нивниот татко во изјава за М-Нет Телевизија вели дека причината за тоа е студеното време. Посочува дека превозот им следува со Закон, а од Општината и училиштето немаат обезбедено. Вели дека сам не е во можност да ги носи децата на училиште.
„Не, сѐ уште не одат. Одеа малку, ама имаше снег, беше многу ладно и не можат пешки да одат. Бараме и знаеме дека со Закон ги следува превоз оти има четири километри од дома до комбето каде што поминува. Рекоа дека не може да обезбедат превоз, јас сум бил должен да ги носам. Претходно ги носев, ама веќе не можам, колите се испокршија, а и немам време, со стока сум, со обврски“, вели Спасевски.
Таткото потврдува дека Општината го направила патот, за што тој реагираше претходно, но сега на секоја негова реакција добивал закани за тужби.
„Ми се закануваат со тужби, што сум јас крив кога немаат превоз децата.
Проблемот беше актуелен подолго време. Училиштето „Ванчо Прке“ распиша тендер и воведе посебна линија Делчево – Илиово. Директорот имаше посочено дека децата нередовно доаѓаат на автобуската постојка, од каде превозот ги носи до училиштата. Во октомври родителот ги зел децата од училиште и рекол дека повеќе нема да ги вози ако превозот не ги зема од дома. Советникот за образование при Општина Делчево во телефонски разговор за М-Нет Телевизија рече дека се исцрпени сите мерки кои можеле да бидат преземени за децата да одат редовно на училиште и смета дека родителите немаат доволно интерес за тоа.
За случајов предмет имаше отворено и Државниот просветен инспекторат, а сега од Општината рекоа дека случајот ќе го пријават до Центарот за социјални работи.
Ребека Спасова М-Нет