
Студентскиот стандард во земјава е на дното, а Скопје е најлош пример во регионот за студентски град, вели директорот на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи. Тој посочува дека во земјава го нема ни основниот стандард за студентите, што особено лошо ќе се одрази на општеството во иднина.
„Нашата држава по студентски стандард е на дното, заради тоа што не може да обезбедува базичен студентски стандард за студентите. Ако го земеме за пример Скопје, во европските земји градовите што имаат универзитет се нарекуваат студентски градови и стандардот е прилагоден кон студентите, но Скопје е најлошиот пример за студентски град во регионот, заради тоа што е поскап за студентите и не обезбедува средина каде што студентите би можеле да го доживеат студентското искуство“, вели Бленди Ходаи, директор на Форумот за образовни промени.
Студентскиот стандард не смее да се намали, потенцира Ходаи. Додава дека и студентите треба да се погласни во тој контекст и да се борат за решавање на над стоте проблеми кои во моментов ги имаат.
„Ние треба да бидеме погласни и на институциите да им ги кажеме конкретните работи кои нам ни се потребни. Тоа вклучува дигитализација на високото образование, транспарентно високо образование, покачување на студентскиот стандард… Знаете, со Предлог-буџетот за 2024 година е намален студентскиот стандард, а тоа не треба да се случи. Иако сме во криза, сепак не треба да се крати од студентскиот стандард и треба да се инвестира во младите“, додава Ходаи.
Во Предлог-буџетот за 2024 година се забележува пад во ставката студентски стандард, која е намалена за речиси 10%, како и во парите предвидени за наука, кои се за 5% помалку во споредба со Буџетот за 2023 година.
Ребека Спасова М-Нет