
Четири улици дел од штипското централно градско подрачје ќе добијат асфалт. Активностите започнаа денеска, а во првите неколку дена ќе се работи на промена на водоводната и канализациската мрежа на улиците. Активностите ќе ги води ЈП „Исар“, а потоа ќе се реализира и асфалтирањето преку Општина Штип и економскиот оператор.
„Станува збор за улиците „Иво Лола Рибар“, „Христо Ботев“, „29 Ноември“ и „Охридска“, коишто се тесно грло во централното градско подрачје, но заради честите дефекти на водоводната и канализационата мрежа, одлучивме прво да направиме реконструкција, затоа што секојдневно се случува да има дефекти на водоводната мрежа, запушување на канализациската мрежа. Деновиве коишто следат ќе се искористат за реконструкција на подземните инфраструктури, а потоа да се изасфалтираат површините“, истакна Јорданов.
Ваквите активности продолжуваат и во другите делови од градот, посочи Јорданов, секаде каде што има барање од страна на жителите, а кое е согласно со нивните потреби.
„На тој начин да ја подобриме инфраструктурата на овој дел од градот на барање на жителите коишто живеат во околните куќи и домаќинства, но и за сите коишто транзитираат и минуваат на овие улици“, додава Јорданов.
Инвестицијата за целосна реконструкција на четирите улици од централното градско подрачје е нешто повеќе од шест милиони денари, коишто до крајот на овој месец ќе бидат вложени до конечниот резултат кај овие улици.
Ребека Спасова М-Нет