Контролори го проверуваат редот во штипските градски автобуси, досега нема проблем

Дневните билети за градскиот превоз во Штип и Карбинци се купуваат директно во автобусите, а месечните и годишните на наплатниот центар на ЈП „Стипион“ во Општина Штип. Но кој контролира дали патниците кои се возат купиле билет или имаат некоја од картичките кои им овозможуваат ослободување од плаќањето на општинскиот линиски превоз? Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, вели дека редовно има контроли, но проблем засега нема.

„Во овој момент билетите се издаваат во автобусите, тоа се однесува на единечните билети, а годишните и месечните се издаваат на наплатниот пункт во Општина Штип. Имаме редовни контроли и контролори кои влегуваат во автобусите и ги проверуваат билетите, засега немаме некои проблеми, така што сѐ функционира во најдобар ред“, вели Стефановски.

Сепак, тоа не се лица конкретно вработени за позицијата контролор. Нема одредено некаква санкција за оние кои не платиле билет или поточно нема доволно детерминиран систем за контрола на патниците и тоа дали поседуваат билети. Стефановски вели дека проектот за општинскиот линиски превоз е на самиот почеток, што значи дека е отворена можноста за негово подобрување. Веќе неколкупати се врши промена на возните редови и дополнување или отстранување на неколку линии, што е согласно со потребата на граѓаните, а следната година ќе се воведе и електронски систем на наплата.

„За понатаму планираме воведување на софистициран електронски систем за наплата, којшто е планиран за следната година со Годишниот план на ЈП „Стипион“. Овој систем ќе овозможи подобра услуга кон граѓаните, побрза наплата, подобра контрола и ќе ги добиеме сите потребни информации за функционирањето на општинскиот линиски превоз“, додава Стефановски.

Јавното претпријатие сѐ уште има само делумна статистика во однос на користењето на општинскиот линиски превоз. Според истата, за најкористена се смета линијата од населбата Баби, а најмалку користена е онаа од населбата Дузлак, поради што во изминатиов период подложеше на неколку промени. Според статистиката за користење на веб-страницата, пак, во месец октомври имало 8.000 посетители, кои ја отвориле страницата, и повеќе од 73.000 прегледи кои подразбираат преглед на линии и возни редови.

Ребека Спасова М-Нет