Осветен деветметарскиот крст во дворот на параклисот „Св. Димитриј“ во Трајаново трло во Кочани

Осветен деветметарскиот крст поставен во дворот на црковниот параклис „Свети Димитриј“ во населба Трајано трло во Кочани. По повод одбележување на денешниот празник митрополитот брегалнички господин Иларион го освети крстот, а претходно беше отслужена литургија во чест на празнувањето на светителот.

„Денеска се осветува крстот кој е подигнат како симбол и победа над сето зло. Како што велат ако преку дрвото влезе гревот, преку крстот е спасението. Нека е честито и благословено и нека овој крст сведочи дека овде постои народ христов, народ православен. “ – кажа Иларион.

Голем број верници и покрај дождот беа дел од осветувањето на крстот во Кочани. Со хуманитарни средства кои се собираат се очекува до напролет параклисот да биде завршен внатрешно и надворешно за истиот да може да биде и осветен.

“Денес верниот народ се собра од град Кочани да го прослави празникот посветен на Свети Димитриј и да го осветиме и крстот поставен овде во населбата Трајаново Трло. Се надеваме дека понатаму со помош од народот ќе можеме да го довршиме манастирот, да можеме и да го осветиме.“

Параклисот во Трајаново Трло „Св. Димитриј“ започна да се гради пред една година со благослов на Брегалничката Епархија од страна на Црковниот одбор на храмот преку донации на граѓани и стопанственици. За една година преку донации на граѓани и компании Црковниот одбор успеа да го изѕида храмот, постави нова кровна конструкција и негово уредување.

Лаура Стојанова М-Нет