
Со куче во секој двор, железни огради, мрежи, околу 200 куќи на улицата „Солунска“ во Штип се заштитуваат од крадците кои таму оперираaт најмалку еднаш во две недели. Жителите реагираат дека не се чувствуваат безбедно. Велат, први на мета на крадците се куќи во кои не живее никој и за нив се лесен плен, а потоа такви каде живеат пензионери, стари и изнемоштени лица.
Решение за проблемот со жителите денеска бараше и градоначалникот, Иван Јорданов. Предлага полициски службеници да патролираат на 24-часовен пункт, за кривичните дела да се пријавуваат побргу, а со тоа и надлежните полесно да интервенираат.

„Во оваа прилика сакам да апелирам до СВР Штип, до началникот, да излезат на терен, да поразговараат со граѓаните, да ги слушнат нивните секојдневни проблеми, крикот и гласот на народот, затоа што ова се провлекува со години наназад. Тие се небезбедни. Она што можевме да го констатираме е дека тие даваат предлог да има 24-часовен пункт во непосредна близина за да може побрзо да се интервенира, побрзо да се пријавува и на тој начин да се намалат овие последици и оваа тенденција на ограбување и на небезбедност којашто се случува во неколку населени места во нашиот град“, рече градоначалникот Јорданов.
На прашањето дали градоначалникот ќе го свика Советот за безбедност, тој вели дека таквата алатка до денес нема значаен ефект, бидејќи состаноците, според него, се само декларативни, а проблемот останува.
Ребека Спасова М-Нет