Дисциплина, интензивни подготовки – како штипјанката Радмила Јованова истрча 162 километри?

Интензивни подготовки, тренинг повеќе од два месеца, упорност, дисциплина и силна мотивација – ова е рецептот на штипјанката Радмила Јованова која истрча ултрамаратон од 162 километри во Грција за 30 часа и 38 минути и заврши на второто место во женска конкуренција. Трката во Паранести е најстарата трка во Европа, која се одржува по 17. пат и се пријавуваат тркачи со силна кондиција и кои се подготвени да го издржат товарот. Токму тоа била и нејзината најголема мотивација да се впушти во предизвикот.

„Предизвик е не само да се истрча дистанцата, должината на самата трка од 160 километри, туку се соочуваме и со висинското искачување, коешто во оваа трка беше 7.000 метри, што е еден од потешките параметри. За мене беше голем предизвик за којшто се подготвував уште година наназад, имав желба, меѓутоа почнав да се подготвувам два месеца претходно. Она од коешто најмногу се плашев јас е како би ја поминала ноќта“, вели Јованова.

Додека трчаш, нормално е да почувствуваш силна истоштеност, вели Јованова. Тоа се случило и кај неа по долгата ноќ, меѓутоа успеала да стигне до контролна точка каде добила кафе, вода и суплементи, што ѝ дало енергија.

„Со оглед на тоа што 30 часа не е мал период во којшто треба да се трча, нормално дека се соочуваме со големи предизвици, како од аспект на физичка истоштеност на организмот, така и од аспект на ментална и психолошка подготвеност. Нормално е дека во тие 30 часа ќе се соочите со моменти кога ќе си речете доста е, чувствувате болки во нозете, чувствувате болки во вашиот ум. За среќа, со дечкото со којшто трчавме се бодревме еден со друг“, додава Јованова.

Радмила Јованова нов рекорд по претходниот голем успех на трката со должина од 110 километри во Истра, Хрватска, каде беше најдобра Македонка со време од 17 часа, 51 минута и 14 секунди. Оттогаш, па до денес, вели таа, она што се променило е тоа што таа има поголема волја за планинско трчање и желба да се впушти во уште поголем предизвик.

„Она што го искусив во Хрватска мислев дека е она што најмногу можам да го достигнам. Тоа беше трка од 110 километри со висинско искачување од 4100 метри. Многу е различно, затоа што таму трчате цел ден, но до 12 часот навечер. Таму не го искусувате ноќниот момент, не се соочувате со тоа да ви се приспие, да трчате два дена итн. Ова е многу потешка дисциплина“, посочува Јованова.

На трката во Грција, Јованова беше единствената Македонка, а претежно учесниците беа од Грција и уште неколкумина од Бугарија. Вели, трчањето ќе ве промени и ќе ви даде слобода, мир и спокојство, што секако е причина поради која сите околу неа ги мотивира да се приклучат.

Ребека Спасова М-Нет