Штипската населба Сењак доби ново игралиште со модерни детски реквизити

Ново, модерно, детско игралиште доби населбата Сењак во Штип, донација од рудникот „Боров дол“. Како што посочија од Рудникот, како општествено-одговорна компанија вложуваат во општините на чии територии дејствуваат, а со цел да ги подобрат условите за добробит на заедницата. Акцијата, додаваат, е уште една во низата слични акции.

„Како општествено-одговорна компанија секогаш сме тука да враќаме и да помагаме на заедниците во коишто делуваме. Рудникот „Боров дол“ е отворен во 2020 година и се протега во три општини. Едната од нив е општина Штип и на барање на Општината одговоривме на потребите, односно дониравме едно детско игралиште коешто ќе ги радува малите дечиња, особено сега кога се постојано пред компјутерите“, вели Кристина Крстева, корпоративни комуникации и општествена одговорност на „Боров дол“ и „Бучим“.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека новото игралиште е резултат на успешната комуникација и соработка со рудникот „Боров дол“. Во овој случај, вели тој, благодарноста е до нив, а понатаму ќе се продолжи со разубавување на детските катчиња во штипските населби.

„Морам да истакнам дека во изминатите неколку месеци, на барање на Општина Штип, искомунициравме, побаравме и како општествено-одговорна компанија „Боров дол“ се одлучи да донира една ваква содржина за најмладите, коишто верувам дека ќе го користат и ќе го чуваат. Нашата цел и тенденција е во секое место да направиме едно вакво катче за рекреација“, вели градоначалникот Јорданов.

Од рудниците „Боров дол“ и „Бучим“ посочија дека општествената одговорност ќе остане дел од нивното работење, што значи дека и понатаму ќе донираат согласно со потребите кои ги имаат општините.

Ребека Спасова М-Нет