Основците од „Димитар Влахов“ на средба со писателот Киро Донев по повод Месецот на книгата

Стихотворувања и рецитации, разговор со доајенот на детскиот збор, писателот Киро Донев – на ваков начин учениците од ООУ „Димитар Влахов“ денеска го одбележаа Месецот на книгата. Учениците имаа можност да покажат што научиле на часовите, а писателот да им открие мали тајни за приказните чиј автор е тој. Зад организацијата на свечениот настан, вели директорката, Невенка Величкова, стојат и родителите и наставниците.

„Речиси и да не постои учебник, весник или списание во кое нема да го сретнеме името на познатиот писател Киро Донев. Среќни сме што имаме ваков писател, а денес сме уште посреќни, затоа што тој е наш гостин во нашето училиште по повод Месецот на книгата. Учениците денес имаат ексклузивно право да слушнат дел од богатото творештво на познатиот писател за деца, а овој ден ќе биде исполнет со многу насмевки, многу среќа, читања и разговори, стихотворувања од богатото творештво“, истакна директорката, Невенка Величкова.

Дел од овој свечен настан беа учениците од второ до петто одделение од ова училиште. Наставниците посочија дека настанот е можност учениците да се запознаат во живо со авторот на приказните кои и онака ги читаат на повеќето часови.

„Учениците беа пресреќни кога им соопштив дека наш гостин ќе ни биде господинот Киро Донев. Тие со воодушевување го прифатија, бидејќи постојано учат и читаат голем број негови текстови“, вели Јорданчо Здравев, одделенски наставник.

Радоста пред камерата ја искажаа и дечињата, кои прочитаа стихотворби за кои се подготвувале заедно со нивните наставници.

Месецот на книгата веќе традиционално се одбележува секоја година во периодот од 15 октомври до 15 ноември, во училиштата и општините низ државата, а со цел да се придонесе за популаризација на читањето меѓу учениците.

Ребека Спасова М-Нет