Македонскиот филм „Кино љубов“ премиерно ќе се прикаже во штипското кино на Киноверзум

Македонскиот долгометражен игран филм „Кино љубов“ утревечер ќе биде промовиран во штипското кино на Киноверзум. Продуценската палка е во рацете на Јани Бојаџи и Дејан Милошевски, а сценариото и режијата ги потипишува Јани Бојаџи. Филмот ја следи Мира, адвокатка во неволја, која поставува бомба под автомобилот на нејзиниот брат Стево, кој, пак, го преживува атентатот и го отвоа киното наречено „Љубов“.

„Станува збор за еден филм кој зборува за еден актер кому во едни политички околности, такви какви што се, му е оневозможено да работи во сопствениот театар и решава да направи погрешна работа, да се задолжи кај сопствениот шура Стево кој патем е опасен лик во градот и, како што вообичаено бидува, уметниците се лоши бизнисмени, му се случува и корона, кога се затворени сите кина. И така му пропаѓа идејата да направи кино кое ќе се вика „Кино љубов“, каде што 24 часа ќе се прикажуваат само љубовни филмови, затоа што, според нашиот актер Коста, на светот му недостасува љубов“, истакна Бојаџи.

Филмот е уметничко остварување од 93 минути, од кои 43 минути се снимени одеднаш, без запирање. Улогите ги играат Дејан Лилиќ, Јелена Жуѓиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов, Благоја Чоревски.

„Тој е работен во стилот „one take“, целата акција се одвива во 42 минути и не застанува ништо. Тука е проблемот, бидејќи треба да биде сѐ совршено и прецизно, да не згрешат, да не влезе бум, да не се измести камерата… Кога се движат некои предмети треба да бидат поместени. Секој треба да биде во филмот, но да излегува од кадарот и тоа треба да биде совршено. Ние за привот дел мислам дека снимивме околу 26 дубли и на крај го одбравме осмиот“, вели Милошевски.

Првпат се случува македонска премиера на игран филм да се одржи надвор од Скопје, а изборот паднал на Штип како културен и универзитетски центар во Македонија и град кој има свое кино.

„Откога со Дејан одлучивме дека нема да правиме скопска, туку македонска премиера, се решивме за Штип и не мислам дека погрешивме воопшто. Тоа е причината зошто сме тука. Уште една важна работа е дека Штип има сопствено кино, само кино, а не како дел од Дом на култура, Театар. Штип е универзитетски, културен центар и, навистина, заслужува да добие поддршка“, додава Бојаџи.

Премиерата на „Кино љубов“ во Киноверзум ќе се случи утре, на 13 октомври, со почеток од 21:00 часот.

Ребека Спасова М-Нет