Станува ли нефункционален пробиштипскиот Совет? – се гласа нерешено за повеќето точки

На седницата се присутни 15 советници, седум гласаат ЗА, седуммина се воздржани. Вака започна последната седница на Советот на Општина Пробиштип, а ситуацијата се провлекуваше во првите неколку точки. Не се изгласаа извештаи за работење на училиштата, годишни планови за вработување на образовни и културни установи. Единствено ѝ се посреќи на Програмата за работа на средното училиште „Наум Наумовски Борче“, на која иако ѝ се закануваше да биде тргната од дневниот ред, на крај беше едногласно изгласана. Ситуацијата се засили кога советниците не дадоа зелено светло за вработување човек кој треба да биде одговорен за парно-греењето во ООУ „Браќа Миладиновци“.

„Јас го следев гласањето на претходните точки и не сакав да земам збор, ама, навистина, имам прашање до сите вас – дали ја разбираме сериозноста на ова што го кажа директорката? Дали знаеме дека таму учат неколку стотитци наши деца? Јас сѐ уште немам дете во образовните установи, но шеста година како ја водам Општината, секогаш приоритет било подобрувањето на условите во училиштата. Станува збор за место – одржувач на парни котли, тој што ќе биде одговорен да ги затоплува просториите, како за наставниците, така и за учениците. За ваква точка ли се гласа НЕ? Уште еднаш ве прашувам – дали ја разбирате сериозноста? Советот е денеска, а последиците ќе бидат трајни“, рече градонаначалникот, Драган Анастасов.

На ваквата одлука на советниците негодуваше и директорката на основното училиште. Таа посочи дека измената на годишниот план се прави само заради измена во називот на работната позиција, нешто што е техничка грешка, а веќе имале добиено и согласност од МОН.

„Не гледам зошто предлогот не доби позитивно мислење од Советот, бидејќи станува збор за пензионирано место, изгласан е годишниот план за вработување за 2023 токму од ваша страна. Сега поради нешто што е направено како техничка грешка во 2015, ние сега го исправаме, се молиме и до МОН, имаме веќе согласност, а вие сте против. Станува збор за ученици, грејната сезона почнува од септември и треба да се води ред и дисциплина околу затоплувањето на училиштето“, вели директорката.

На ова еден од советниците кои гласаа воздржано само рече дека ваквиот начин на гласање не значи дека тие не се одговорни и свесни за ситуацијата. Додаде оти се надева дека согласноста ќе ја добијат навреме.

Ребека Спасова М-Нет