
Вчера беа одиграни седум од осум натпревари од ракометната Супер лига на Македонија. Без изненадувања со високи победи за фаворитите.
Тиквеш без сериозни проблеми го „прегази“ Куманово со високи 16:27 на гостински терен. Висока победа на домашен терен забележа и Струга, која со 37:28 го торпедираше „фенерџијата“ Скопје, кој сега останува „закован“ на дното од табелата.
Охрид во многу тежок натпревар го совлада составот на Еурофарм Пелистер 2 и ги освои трите бодови. „Гладијаторите“ направија пресврт во вториот дел и забележаа победа од 24:22, откако на полувреме имаа негатива од два гола односно при 10:12.
Во составот на Охрид Темураз Орјоникидзе даде 7 гола, а пак кај Еурофарм Пелистер 2 најдобар беше Мирче Кајлаџиоски со седум гола.
Прилеп немаше сили да му парира на некогашниот шампион Вардар и сосема очекувано дома загуби со високи 22:35. Пред околу 500 гледачи, во добар натпревар најдобар кај Вардар беше Матија Николиќ со 11 погодоци, а пак кај Прилеп најдобар беше Никола Цветаноски со осум гола.
Пролет му одржа лекција на дебитантот Мулти Есенс откако на домашен терен забележа победа од плус пет односно 32:27. Дебитантот немаше сили за изненадување против Пролет кој дома важеше за фаворит за трите бодови. Давор Палевски со шест гола беше најдобар кај Проле, додека пак кај Мулти Есенс најдобар со 12 гола беше Олег Јорданов, а пак Божидар Илиевски постигна девет гола.
Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер се прошета низ Неготино каде со високи 17:32 го „среди“ Вардар. Победата за битолчани беше очекувана, но прашање беше со колкава разлика. Павле Атанасијевиќ го водеше Еурофарм Пелистер со осум гола, а пак кај Вардар Неготино најдобар беше Лазар Адамовиќ со пет гола.
Вицешампионот Алкалоид го торпедираше Аеродром со високи 30:44. Избраниците на Кирил Лазаров беа апсолутни фаворити за освојување на целиот „плен“, а тоа беше потврдено со висока победа од 14 гола разлика.
Алкалоид до четири од четири го водеше Иван Џоно со десет гола, додека пак кај Аеродром најдобар беше Наум Костов со седум гола.