
Пелистер со голот на Симеон Христов во 80. минута многу потешко од очекуваното стигна до нова победа од минимални 0:1 над Вардар Неготино на “Цвај Арената” во Неготино, натпревар кој гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да го проследат во живо.
Во директниот пренос на М Нет Спорт екипата на Детонит Плачковица со превисоки 7:0 го декласираше Башкими на Градскиот стадион во Радовиш.
Радовишани по големиот пораз во Тетово денес беа перфектни и одиграа моќен меч.
Тројца играчи постигнаа по два гола – Јусуф Аљиу, Славчо Јанев и Андреј Кудијан, а пак Вилдан Керим беше стрелец на еден гол.
Минимална победа забележа и Охрид на гостувањето во Струмица кај Беласица од 0:1. Единствен стрелец беше Мартин Ѓорѓиевски.
Осогово забележа втора победа во низа откако на гостински терен со 1:2 славеше над Новаци. Паунов погоди за 0:1 на полувреме, а Георгиев зголеми на 0:2.
Казимоски во 66. минута беше исклучен од игра поради втор жолт, а Јовановски ублажи на конечни 1:2.
Каменица Саса стигна до прва сезонска победа откако на домашен терен со 2:1 славеше над ланскиот прволигаш Победа.
Грозданоски постигна гол во финишот на првиот дел за 0:1 на полувремe, а во вториот дел Дуков со два гола обезбеди прва радост за “рударите”.
Османовиќ обезбеди три бода за Скопје, откако “пиратите” конечно победија во дуелот со Арсими во Автомоманда кој заврши со 1:0.
Беса очекувано го доби Караорман во Струга со резултат од 0:2. Белули и Таипи беа творци за нова победа за фаворитот за Прва лига.
Во луд меч во Гевгелија каде паднаа сеудм гола Тетекс ги однесе трите бода откако “штофарите” со 3:4 славеа над Кожуф.
Домашниот тим нанижа два порази, а Тетекс тргна одлично после новите засилувања.
Спасовски во 5. минута погоди за 0:1, а Манасиевски израмни на 1:1 три минути подоцна.
До крајот на првиот дел искусниот голгетер Марио Станковски со два брзи гола обезбеди предност од 1:3 на полувреме. Во вториот дел Манасиевски намали на 2:3 во 75. минута, а веќе во 80. минута Јанакиевски зголеми на 2:4. Во финишот Бојан Иванов ублажи на конечни 3:4.