
Денес православната црква го чествува празникот Воздвижение на чесниот крст или кај народот познат како Крстовден. Ова е еден од значајните 12 големи празници кои секоја година се празнува на 27 септември. Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.
Црквата празнува два празника поврзани со Чесниот Крст, зимскиот Крстовден (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на Чесниот Крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос овој настан и се припишува на Царицата Елена, мајката на славниот цар Констатин, основачот Цариград.
За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.
Македонскиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“. Во Радовиш во црквата попот раздавал китки кои се чувале за здравје и за лек од уроци. Во Гевгелиско спроти овој ден свештеникот одел по куќите и светел вода, а жените земале од котлето вода за замесување на квасец. Свештеникот читал молитви за богат род и ги пеел семињата за новата сеидба, а тоа го правел и на самиот ден на Крстовден.
Лаура Стојанова М-Нет